ХОТЕЛ / АПАРТМАН

Понуда

МЕСОПОТАМИЈА - АВИОН

11ОКТОМВРИ ВО ДРЕВНА МЕСОПОТАМИЈА

Комбинирана програма со лет од Скопје

 

(08.10.2025 - 14.10.2025)

 

ШАНЛИУРФА-ХАРАН-МАРДИН-МИДИЈАТ-ДИЈАРБАКИР-НЕМРУТ-ХАЛФЕТИ-ГАЗИАНТЕП

 

 

Тајните на Месопотамија, лулка на западната цивилизација, една од најзначајните области во историјата на човештвото. Тоа е Земјата меѓу двете реки – Еуфрат и Тигрис на подрачјето на југоисточна Азија, првата област на планетата на која биле формирани градови и писменост: Мардин, престолнина на истоимената провинција прочуен по својата архитектура и ѕидините на стариот град кои датираат од единаесетиот век; Газиантеп, шести по големина град во Турција, центар на турската гастрономија, град со најголемиот музеј-мозаик на светот... Ова е прошетка во минатото во земјата во која луѓето верувале дека вонземјани дошле и им ги дале првите кралеви за подоцна свештениците да бидат помоќни од нив... Ова е приказна која мириса на цимет, ф`стаци, бадеми и урми!

 

 

Прв ден: 08.10.2025 (среда)- Скопје-Истанбул-Шанлиурфа

 

 

06.30 часот. Состанок на групата на аеродромот во Скопје. Полетување кон Истанбул во 08.45 часот, слетување во 11.20 часот по локално време. Летот за Шанлиурфа е во 12.45 часот, слетување во 14.40 часот. Организиран трансфер со автобус од аеродромот кон Шанлиурфа, библискиот град на пророкот Аврам и на царот Нимруд кој го претскажал неговото раѓање. По пристигнувањето сместување на групата во хотелот „Haraan“ 4**** (https://www.hotelharran.com.tr/) кој се наоѓа во централното градско подрачје. Слободно време за одмор од патувањето. Во договореното време заминуваме на организиран разглед на еден од најважните поклонички градови на Блискиот Исток. Градот уште го нарекуваат и „Градот на пророкот“ најмногу поради христијанското и муслиманското наследство; и Библијата и Куранот пишуваат дека тука е родното место на пророкот Аврам (Абрахам). Градот е стар илјада години, населен со племиња и кралства уште 9000 години пред раѓањето на Христос и ја носи славата дека е првиот град што го прифатил христијанството само неколку години по распнувањето на Исус. Една муслиманска легенда раскажува за кралот Нимрод, кој преку пророштво дознал дека ќе се роди момче по име Аврам. Според легендата, Аврам ќе ги надмине кралевите и боговите, па Нимрод успеал да го фати и да го фрли во специјално подготвена клада за да го уништи. Но, Божјо чудо ги претворило пламените во вода, а жешкиот јаглен во крап (рибите во езерото Халил-ур Рахман се сметаат за свети, почитувани од луѓето и не смеат да се јадат ). Рибното езеро или Баликали Ѓол е местото каде ќе се потопиме во древната приказна за чудесното преживување на пророкот. Ќе го посетиме и комплексот Халил-Јур Рахман, кој се наоѓа во југозападниот агол на езерото а се состои од џамија, теолошко училиште, гробишта и местото каде паднал Авраам кога бил фрлен во оган. Слободно време за индивидуални прошетки. Враќање во хотелот. Ноќевање

 

 

Втор ден: 09.10.2025 (четврток)- Шанлиурфа-Харан-Гобекли Тепе-Мардин

 

Појадок. Се одјавуваме од хотелот и заминуваме кон Мардин, еден од ретките градови во светот кој целосно е под заштита на УНЕСКО, но попатно ќе разгледаме многу локалитети кои во себе кријат богата историја, културни наследства и единствена архитектура. Започнуваме со блиското село Харан, изградено на остатоците на 5000 години стариот моќен град Харан. Според Библијата, тоа е местото каде Аврам поминал дел од својот живот пред да го прими божјиот благослов и да се упати кон ветената земја. Она што е најкарактеристично за Харан се неговите традиционални, кружни конусни куќи со куполи кои во последните 3000 години се градени со глина и кал, одлично изолирани за време на летото и зимата заради различните временски температури. Слободно време за индивидуални прошетки. Потоа продолжуваме кон Гобекли Тепе, археолошко наоѓалиште чии остатоци датираат од пред околу 11.000 години што го прави еден од најстарите познати монументални комплекси во светот заштитени од УНЕСКО. Се состои од неколку камени кругови и правоаголни платформи изградени од големи монолитни камени столбови што претставува мистерија за археолозите и истражувачите кои остануваат импресионирани од сложеноста на комплексот што се појавил илјадници години пред историјата да ја познава монументалната архитектура.  Се смета дека е ископан само мал дел, околу пет проценти кои од 2000-та година се отворени за јавноста. Од таму продолжуваме кон Мардин, градот кој е познат по својата стратешка локација на патот кон свилата во Горна Месопотамија, привлекувајќи ги трговците од цела Анадолија и Блискиот Исток. Сместување на групата во хотелот Buyuk Mardi Buyuk hotel 4**** (https://buyukmardinoteli.com/ ) лоциран во централното градско подрачје. Краток одмор а потоа ја започнуваме нашата прошетка низ стариот град што во суштина е прошетка низ музеј на отворено кој ги воодушевува посетителите со своите кривулести патеки, камени куќи и бескрајниот хоризонт. Можеби најзначајниот поглед на Мардин е оној на минарето на Големата џамија, од каде се гледа целиот град и непрегледната Месопотамија. Ќе ја посетиме и црквата на Четириесетте маченици од 4 век во која сеуште секоја недела се одржуваат служби. Иако е мала по големина, внатрешноста содржи неколку прекрасни икони и слики кои го заслужуваат вниманието на посетителите. Мардин има уште нешто посебно - тоа е милениумскиот дом на Сиријците: милионска дијаспора, од која 5.000 жители сеуште живеат во Мардин, нарекувајќи се себеси „први христијани“ откако ја прифатиле христијанската вера во средината на првиот век. Нивниот јазик е семитски, близок до арамејскиот јазик на Исус, а благодарение на нивниот мирен соживот со муслиманите, градот и неговата околина изобилуваат со цркви и манастири. По организираниот разглед, слободно време за индивидуални прошетки низ градот кој цвета со пазари и гостилници кои нè мамат со вкусни зачини, топли оброци, ориентален накит, извонредни бакарни садови, природен сапун и украсни шалови. Враќање во хотелот. Ноќевање.

 

 

Трети ден: 10.10.2025 (петок)- Мардин-Манастир Deyrulzafaran- Антички град Dara-Манастир Mor Gabriel-Мидијат-Мардин

 

Појадок. Денеска ќе се вратиме илјадници години назад низ историјата и низ некогашна Месопотамија. Започнуваме од манастирот Deyrulzafaran, еден од двата најважни сириски православни манастири на светот. Според една приказна манастирот го добил името по цветовите на шафранот кој ѕидарите при изградбата го измешале во малтерот, а според друга верзија, името доаѓа по бојата на каменот од кој е изграден и потсетува на толчникот од цветот. Основан е во петтиот век на местото каде некогаш се наоѓал храм посветен на асирскиот бог на Месецот. Во текот на историјата манастирот бил претворен во тврдина и бил на два пати срушен се` до 793-та година кога бил реновиран и денес е седиште на Сириската Православна Црква. Продолжуваме кон археолошкиот локалитет Dara, еден од најпознатите древни градови во Месопотамија кој уште го нарекуваат и мала Кападокија. Ќе ги видиме остатоците од аквадуктот, црквата, палати и простории кои во римскиот период служеле за складирање на вода и храна. Прошетката низ историјата ја продолжуваме кон еден од најстарите христијански манастири на светот - Mor Gabriel, основан 397-ма година од новата ера од Мор Шемун (Симеон), аскетски свештеник и неговиот ученик Мор Гаврил. Низ вековите, манастирот станал еден од најважните духовни и образовни центри на Сириската Православна Црква, служел како седиште на епископи и патријарси и бил дом на голем број монаси. Манастирските згради се изградени од локален камен и се познати по своите прекрасни камени резби кои вклучуваат сложени геометриски и цветни мотиви. Овие резби ја одразуваат вештината и креативноста на средновековните занаетчии. Манастирот привлекува аџии од целиот свет кои доаѓаат да се молат, да присуствуваат на религиозни церемонии и да бараат благослов. Уште една убавина ни претстои за денешниот ден- стариот асирски град Мидијат кој низ своите тесни улички послани со калдрма и чипкастите декорации на куќите ќе не` врати во одамна заборавените времиња. Во минатото гратчето било населено само со Асирци кои го негувале христијанството преку корените кои потекнувале од стара Месопотамија. Денес тука живеат само мал број Асирци кои успеале да сочуваат девет цркви и еден манастир. Слободно време за прошетка низ ова симпатично гратче. Во договореното време враќање назад во хотелот во Мардин. Ноќевање.

 

 

Четврти ден: 11.10.2025 (сабота)- Мардин-Дијарбакир-Немрут

 

Појадок. Се одјавуваме од хотелот и нашето патување го продолжуваме во друга насока- кон Дијарбакир, градот сместен на бреговите на реката Тигрис во југоисточна Анадолија. Неговото старо име е Амида-антички град, кој претходел на римската колонизација во 3 век од новата ера, проширен и утврден од римскиот император Константин II. Поради својата географска положба, овој град бил домаќин на бројни цивилизации низ историјата; некои велат дека тука владееле дури 33 цивилизации. Нивните траги сеуште можат да се најдат низ градските улици, сокаци, цркви, мостови... До ден денес, голем дел од тврдинските ѕидини од црн базалт што го опкружувале градот се зачувани, а некои од неговите најубави детали се дело на православните жители во 11 век. Ѕидовите се долги 5,5 километри изградени во два реда, имаат 4 главни порти, а по Кинескиот ѕид, ова се најдолгите зачувани ѕидини во светот... Потоа ќе пешачиме по тесните улички поплочени со вулкански камен, меѓу ароми на зачини и разновидни продавници што нудат производи изработени од различни занаетчии. Тука се наоѓа и една од најстарите џамии во цела Турција, Улу Џами или Големата џамија во Дијарбакир: изградена од црн базалт и бел варовник. Се смета за петтото најсвето место за муслиманите, веднаш по Големата џамија во Дамаск. Ќе посетиме уште едно скриено место во тесните улички на градот: Хасан Паша Хани, отоманскиот Каравансарај, кој повеќе од пет века бил засолниште на стока и трговци од целиот свет. Потоа продолжуваме да ја следиме картата на светското наследство на УНЕСКО и заминуваме кон планината Немрут. Планината Немрут, или Немрут Даги, е планина во југоисточна Турција, позната по своето археолошко значење и монументални скулптури. Замислете мистериозна гробница со глави од камени статуи расфрлани околу неа... Оваа гробница, која претставува мермерна пирамида од 50 метри, ја изградил Антиох I - најзначајниот владетел на Кралството Комагена, потомок на самиот Александар Македонски. Почитуван како самиот Бог, Антиох решил да ја овековечи својата личност со изградба на својот гроб, кој бил и светилиште на античките грчки и персиски богови. Планината се наоѓа во близина на градот Адијаман, на надморска висина од околу 2.150 метри, и е дел од Националниот Парк Немрут Даги. На врвот на планината има огромни камени скулптури на богови, митски суштества и самиот крал Антиох, кои се дел од неговиот мавзолеј. Овие скулптури кои претставуваат синтеза на персиски и грчки стилови, првично биле дел од поголема структура, но денес се делумно оштетени, а многу од статуите имаат одвоени глави што лежат на земја. Без разлика дали поради земјотреси или поради други причини, главите на статуите последователно биле одвоени од нивните тела и создале уште поголема мистерија околу историјата на ова вешто архитектонско творештво. Под гробницата се скриени некои од најдолгите натписи на старогрчки јазик, пронајдени се слики од точната локација на небесните тела, кои го откриваат времето на изградбата, се читаат скриени пораки и нејасни клетви. Набљудувањето на изгрејсонцето или зајдисонцето од врвот на Немрут е една од најпознатите туристички атракции бидејќи светлината спектакуларно ги осветлува статуите и создава уникатно визуелно искуство. Се вели дека при изгрејсонце или зајдисонце сјајот на гробницата оживува, се искапува во сјајот на сончевите зраци и засекогаш ја запечатува разбудената величина на еден антички град, во едно античко кралство, полно со мистерија, генерирајќи го постојаниот интерес на археолозите. Немрут Даги е внесен во листата на светско културно наследство на УНЕСКО во 1987 година, поради неговата историска и културна вредност. По ова неверојатно доживување се упатуваме кон нашиот хотел кој е уште поуникатен „Nemrut Euphrates Hotel“  3*** (https://www.nemruteuphrathotel.com/ ). Сместување на групата во хотелот што се наоѓа во границите на Националниот парк Немрут со својата единствена локација и прекрасна атмосфера во центарот на историското кралство Комагена. Вечера. Ноќевање.

 

 

Петти ден: 12.10.2025 (недела)- Немрут-Халфети-Газиантеп

 

Појадок. Се одјавуваме од хотелот и го продолжуваме нашето патување кон едно од најнеобичните места во Турција- градот Халфети изграден во 9. Век пред Христос од асирскиот крал Еуфрат. Во 1999-та година на реката Еуфрат на која лежи градот изградена е брана и притоа се расселени околу 6000 луѓе во околните села, а селото е целосно потопено па подоцна одново изградено. Денес градот е поделен на два дела- стар и нов град. Новиот град во кој се преселиле жителите се наоѓа на околу 15 километри оддалеченост, а стариот град Халфети останал под вода. Токму тука ќе запловиме со чамци по реката Еуфрат и ќе имаме можност  под водата да ги видиме потопените куќи од камен, минарето од џамијата, остатоци од стариот замок и други историски споменици. По оваа необична глетка, слободно време за прошетки низ градот кој е познат по уште нешто - Халфети е единственото место на светот каде растат посебен вид црни ружи познати како „Арапката која плаче“. Ружите цветаат на пролет и есен, а во текот на летото имаат интензивна црна боја. Подоцна се упатуваме кон нашето последно место од ова неверојатно патување - Газиантеп, градот кој e сместен на историскиот „Пат на свилата“ и низ вековите бил важен центар на културата и трговијата во таканаречената Горна Месопотамија. Градот пие од благословените води на реката Еуфрат и ќе не` пречека со непрегледните плантажи ф`стаци. Сместување на групата во хотелот „Kule Hotel&Spa“ 4**** (https://www.kulehotelgaziantep.com/en). Слободно време за индивидуални активности. Ноќевање.

 

 

Шести ден: 13.10.2025 (понеделник)-Газиантеп

 

Појадок. Денеска ќе уживаме во Газиантеп-турската престолнина на баклавата, градот кој во 2015-та година УНЕСКО го ставил на листата на креативни градови во светот кога станува збор за гастрономијата. Најпрво се упатуваме кон Zeugma, еден од најимпресивните музеи во светот со вредна колекција на римски мозаици. Покриениот дел од Музејот зазема површина од близу 30 илјади квадратни метри и во себе чува неверојатни мозаици од античкиот град Zeugma. На најпознатиот мозаик е прикажана девојка која со волшебните очи го следи секој посетител. Потоа продолжуваме низ старите улици на градот за да стигнеме до Grand Bazar, еден од петте најголеми базари во Турција. Тука сигурно нема да останете гладни: во градот се подготвуваат повеќе од 400 различни јадења од кои 300 се официјално регистрирани; на околу 200 места можете да пробате најразлични видови на баклави со сите можни вкусови од кои приматот е даден на ф`стакот... Слободно време за индивидуални прошетки. Враќање во хотелот. Ноќевање.

 

 

Седми ден: 14.10.2025 (вторник)-Газиантеп-Истанбул-Скопје

 

Појадок. Во договореното време се одјавуваме од хотелот и се упатуваме кон аеродромот. Полетувањето од Газиантеп е во 15.00 часот по локално време, пристигнување во Истанбул во 17.00 часот. Летот за Скопје е во 18.55 часот, пристигнување во Скопје во 19.30 часот по локално време.

 

 

Промотивна цена за уплата до 10.06.2025........ 999 евра (61.940 денари)

ЦЕНА НА АРАНЖМАНОТ.........109евра (68.140 денари)

(плаќање во денарска противвредност)

 

 

Во цената на аранжманот се вклучени следните услуги:

 

• Авионски билет Скопје – Шанлиурфа- Газиантеп-Скопје со вклучени аеродромски такси

• Рачен багаж до 8 кг. и чекиран багаж до 20 кг. по лице

• Сите трансфери со локален автобус вклучени во програмата

• 1 ноќевање со појадок во хотел со 4* во Шанлиурфа

• 2 ноќевања со појадок во хотел со 4* во Мардин

• 1 ноќевање со појадок и вечера во хотел со 3* во Немрут 

• 2 ноќевања со појадок во хотел со 4* во Газиантеп

• Влезница во археолошкиот локалитет Гобекли Тепе

• Влезница во манастирот Deyrulzafaran 

• Влезница во античкиот град Dara

• Влезница во манастиротMor Gabriel

• Локален превоз кон планината Немрут

• Возење со чамци по реката Еуфрат

• Влезница во Музејот Zeugma

• Лиценциран локален туристички водич за време на целото патување

• Лиценциран туристички придружник

 

 

Во цената не се вклучени следните услуги:

 

•  Доплата за еднокреветна соба – 240 евра

• Патничко осигурување

 

 

Напомена: За потврда на резервацијата е неопходна задолжителна уплата од 300 евра (18.600 денари). Целосна доплата на аранжманот до 01.09.2025 година.

 

Напомена: За реализација на аранжманот потребни се минимум 35 патници

Достапни Хотели


Контакт информации :